Сведоштвото на пророкот Џозеф Смит

Црквата на Исус Христос на судниот ден светители

Џозеф Смит: Божји пророк

Кога Џозеф Смит имаше 14 години, сакаше да знае кон која црква треба да се приклучи па го праша Бога во искрена молитва. Како одговор на неговата молитва, Отецот Бог и Неговиот Син Исус Христос се појавија пред Џозеф и му рекоа дека вистинската Црква на Исус Христос не е на земјата и дека го одбрале Џозеф да ја обнови.

Од тој ден Џозеф работеше во Божја служба, настојувајќи да ја утврди Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни и да го изгради Божјото царство на земјата во подоцнежните дни. Верните членови на Црквата сведочат дека Исус Христос е Спасителот и Избавителот на светот. Исус денес ја води Својата Црква преку откровението на пророк на земјата. Џозеф Смит беше таков пророк. Иако Џозеф исполни многу задачи во текот на својот живот, најважна беше неговата преданост да биде ученик и сведок на Исус Христос. Пророкот Џозеф Смит и Сидни Ригдон рекоа дека по многуте сведоштва што беа дадени за Спасителот, тие го носат своето сведоштво, последното, дека Тој живее! (види Учење и завети 76:22).

Оние што го примаат сведоштвото на пророкот преку моќта на Светиот Дух, ќе ја спознаат вистината за делото за кое беше повикан да го изврши. Исто така, ќе ги спознаат мирот и среќата што доаѓаат преку Спасителот Исус Христос, кого Џозеф Смит Го почитуваше и Му служеше.

Joseph Smith reading the Holy Bible

Додека одлучуваше кон која црква да се приклучи, Џозеф побара водство од Библијата. Таму прочита: „Побарај од Бога.“

Која црква е вистинската?

Џозеф Смит е роден во 1805 година во Шерон, Вермонт. Во времето кога започнуваат овие настани, тој имаше 14 години и со своето семејство живееше во Њујорк, сериозно размислувајќи кон која црква да се приклучи. Следува доживувањето на Џозеф, напишано со негови зборови.

За време на таа голема вознемиреност мојата свест беше вовлечена во сериозно размислување и голем неспокој… Често си велев: Што да се прави? Кое од сите овие здруженија е вистинското; или, дали сите тие се погрешни? Ако некое од нив е вистинското, кое е тоа и како ќе го дознам тоа?

Додека напорно размислував во крајно тешки услови предизвикани од натпреварите на религиските здруженија, еден ден го читав Посланието на Јаков, прва глава, петти стих, кое вели: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање - и ќе му се даде.“

Никогаш ниту еден дел од Писмото не го допрел срцето на некој човек со таква моќ како што тогаш го допре моето. Изгледаше како да влегува со огромна сила во секое чувство на моето срце. Размислував за тоа повторно и повторно, знаејќи дека, ако на некој му е потребна Божјата мудрост, тоа сум јас; затоа што не знаев што да правам, а ако не добиев повеќе мудрост отколку што имав тогаш, никогаш немаше да дознам; затоа што учителите по религија на разните секти го разбираа истиот дел од Писмото толку различно што се уништи целата моја верба дека прашањето ќе се реши со повикување кон Библијата.

Конечно дојдов до заклучок дека морам или да останам во мрак и конфузија или да направам како што упатува Јаков, а тоа е да побарам од Бога. На крај дојдов до одлуката да „побарам од Бога“, заклучувајќи дека ако им дава мудрост на оние на кои им недостига мудрост, а ја дава изобилно и без приговарање, тогаш морам да се обидам.

The Father and the Son appear to Joseph Smith in the sacred grove

Првото видение на Џозеф Смит

Така, следејќи ја својата одлука да побарам од Бога, се повлеков во шумата за да се обидам да го направам тоа. Беше утро во еден прекрасен, јасен ден, во рана пролет на илјада осумстотини и дваесеттата година. Прв пат во својот живот се обидов да го направам тоа, зашто поради сите свои неспокојства, никогаш дотогаш не се обидов да молам гласно.

Откако се повлеков во местото каде што претходно одредив да одам, погледнав околу себе и, гледајќи дека сум сам, клекнав и почнав да му ги кажувам на Бога желбите на своето срце. Само што започнав, веднаш бев обземен од некаква моќ, што ме облеа целосно и имаше толку чудесно влијание врз мене што чувствував како да ми е врзан јазикот и не можам да зборувам. Густа темнина се насобра околу мене и некое време ми се чинеше дека сум осуден на ненадејно уништување.

Едниот од нив ми зборуваше повикувајќи ме по име и рече, покажувајќи кон другиот – „Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!“

Но напрегајќи ги сите свои сили за да го повикам Бога да ме извлече од моќта на тој непријател што ме обзеде целосно, токму во моментот кога бев готов да паднам во очај и да му се препуштам на уништувањето – не на измислена пропаст туку на моќта на вистинско суштество од невидливиот свет, што имаше толку неверојатна моќ каква што никогаш порано не сум почувствувал кај ниедно суштество – токму во тој момент на голема тревога видов столб од светлина точно над мојата глава, посилна од светлината на сонцето, кој постепено слегуваше сè додека не се спушти врз мене.

Само што се појави, почувствував дека сум оттргнат од непријателот што ме држеше врзан. Кога светлината застана врз мене, видов две Личности чија светлина и слава е невозможно да се опишат, а кои стоеја над мене во воздухот. Едниот од нив ми зборуваше повикувајќи ме по име и рече, покажувајќи кон другиот – „Овој е Мојот возљубен Син. Него слушајте Го!“

Она за што Го молев Господа беше да спознам која од сите секти е вистинската, за да знам кон која да се приклонам. Наскоро потоа, кога си дојдов при себе и кога ми се врати говорот, ги прашав Личностите што стоеја над мене во светлината, која од сите секти е вистинската (зашто во тоа време никогаш не помислив дека сите се погрешни) – и кон која треба да се приклонам.

Добив одговор дека не треба да се приклонам кон ниедна од нив, зашто се сите погрешни, а Личноста што ми се обрати рече дека сите нивни верувања се одвратни според Неговото мислење; дека тие приврзаници се сите подмитени; дека „овој народ се приближува кон Мене со устата своја, а срцето негово му останува далеку од Мене; тие проповедаат човечки повелби: на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“.

Тој повторно ми забрани да се приклонам кон која било од нив; а и ми кажа многу други работи кои сега не можам да ги напишам. Кога повторно си дојдов при себе, видов дека лежам на плеќи, загледан во небесата. Кога светлината си замина, бев снеможен; но наскоро закрепнувајќи донекаде, си отидов дома.

Прогонство

Џозеф го послуша Бога и не се приклони кон ниедна постојна црква. Кога им кажа на луѓето што виде и слушна, почна да доживува спротивставување и прогонување.

Наскоро открив… дека моето кажување за случката предизвикало големи предрасуди кон мене меѓу приврзаниците на религијата и беше причина за големо прогонување што продолжуваше да расте; па иако бев непознато момче, старо само четиринаесет-петнаесет години, со животни услови што ме правеа неважен за светот, сепак некои знаменити луѓе ме забележаа дотолку што го поттикнаа јавното мислење против мене и предизвикаа остро прогонување; а тоа им беше заедничко на сите секти – сите обединети да ме прогонуваат.

Тоа предизвика кај мене сериозни размислувања тогаш, а често и подоцна, за тоа колку многу е необично што едно непознато момче, малку постаро од четиринаесет години и кое, исто така, беше осудено на неопходноста да добива бедно издржување со дневна работа, треба да се смета за некој што е доволно важен за да го привлече вниманието на големците од најпопуларните секти во тоа време и тоа на начин што кај нив создаде дух на најостро прогонување и клевета. Но, необично или не, тоа беше така и за мене често тоа беше причина за голема тага.

Меѓутоа, сепак, постоеше фактот дека имав видение. Оттогаш размислував дека се чувствувам како Павле кога се бранел пред царот Агрипа и кажувал за видението што го имал кога видел светлина и слушнал глас; но сепак само неколкумина му верувале; некои рекле дека бил нечесен; други рекле дека бил луд; и бил изложен на поруга и потсмев. Но сето тоа не ја уништило вистинитоста на неговото видение. Тој имал видение, знаел дека имал и сите прогонувања под небесата не можеле да го изменат тоа; дури и кога би го прогонувале до смртта, тој сепак знаел и ќе знаел до својот последен здив, дека видел светлина и слушнал глас што му зборувал и целиот свет не би можел да го натера да мисли или да верува поинаку.

Зашто јас видов видение и го знаев тоа, и знаев дека Бог го знае тоа, и не можев да го одречам тоа, и не се осмелував да го сторам тоа.

Па така беше и со мене. Јас всушност видов светлина, а во средината на таа светлина видов две Личности и тие навистина ми зборуваа; па иако бев омразен и прогонуван поради тоа што велев дека сум видел видение, тоа сепак беше вистинско; и додека тие ме прогонуваа, ме клеветеа и зборуваа против мене секакви лажни зли работи поради тоа што кажував така, во срцето си велев: Зошто ме прогонуваат поради кажување на вистината? Јас всушност имав видение; а кој сум јас да Му се спротивставувам на Бога, или зошто светот сака да го одречам она што всушност го видов? Зашто јас видов видение и го знаев тоа, и знаев дека Бог го знае тоа, и не можев да го одречам тоа, и не се осмелував да го сторам тоа; најпосле, знаев дека на тој начин би Го навредил Бога и би бил осуден.

Сега бев задоволен барем што се однесува до прашањето за светот на сектите – дека не сум должен да се приклонам кон ниедна од нив, туку треба да продолжам како дотогаш до следните упатства. Открив дека сведоштвото на Јаков е вистинско – ако некому му недостасува мудрост, нека го моли Бога и ќе ја добие, и нема да биде укорен.

Продолжив да ги извршувам секојдневните работи во животот до дваесет и први септември илјада осумстотини дваесет и третата година, цело време страдајќи поради острото прогонување од страна на сите групи на луѓе, и религиозни и нерелигиозни, затоа што продолжив да тврдам дека видов видение.

За сето време што помина откако го имав видението до илјада осумстотини дваесет и третата година – кога ми беше забрането да се приклонам кон која било тогашна религиозна секта, а кога бев во многу кревки години, прогонуван од оние што требаше да бидат мои пријатели и љубезно да се однесуваат со мене, а ако претпоставуваа дека сум измамен, да настојуваат на соодветен и срдечен начин да ме вратат на правиот пат – бев препуштен на разни искушенија; па, дружејќи се со разни луѓе, често правев многу глупави грешки и ги покажував слабоста на младоста и слабите страни на човечката природа; што, жалам што морам да кажам, ме водеше во разни искушенија, навредливи според судот на Бога. Кога го признавам ова, никој не треба да мисли дека бев виновен за некој голем или злонамерен грев. Склоноста кон тоа никогаш не беше дел од мојата природа.

Angel Moroni appears to Joseph Smith

Три години после Првото видение на Џозеф Смит, Бог го испрати ангелот Морони да го подучи Џозеф за обновувањето на Евангелието на Исус Христос.

Посетата на Морони

Прогонувањето продолжи кога Џозеф одби да одрече дека го видел Бога. На 21 септември 1823 година, откако си легна в кревет, Џозеф молеше да ја спознае својата состојба пред Господа. Ангелот Морони се појави пред него.

Вечерта на гореспоменатиот дваесет и први септември, ноќе кога си легнав в кревет, почнав да Го молам и преколнувам Семоќниот Бог за проштавање на сите мои гревови и лудости, а исто така и за објава да можам да ги спознам својата состојба и својот статус пред Него; затоа што имав целосна доверба во добивањето на божествена објава, зашто претходно доживеав една.

Додека така Го повикував Бога, открив дека во мојата соба се појавува светлина, што продолжуваше да расте сè додека собата не стана посветла отколку на пладне, кога веднаш до креветот се појави една личност што стоеше во воздухот без да го допира подот со стапалата.

Носеше широка наметка со прекрасна белина. Тоа беше белина каква што не сум видел никогаш на земјата; ниту верувам дека нешто на земјата може да биде создадено да изгледа толку извонредно бело и блескаво. Дланките му беа непокриени, а исто така и рацете, малку до над зглобот од дланката; и стапалата му беа непокриени, како и нозете, малку до над глуждовите. Главата и вратот му беа исто така непокриени. Можев да видам дека на себе нема друга облека освен наметката, зашто беше отворена па можев да му ги видам градите.

Не само што наметката му беше извонредно бела туку и целата негова појава беше неискажливо величествена, а лицето му беше навистина како молња. Собата беше извонредно светла, но не толку многу сјајна како просторот непосредно околу него. Кога го погледнав првпат, се исплашив; но стравот набргу ми помина.

Ме повика на име и ми рече дека тој е гласник пратен кај мене од Божјата присутност и дека неговото име е Морони; дека Бог имал за мене дело што треба да го извршам; и дека моето име ќе се смета за добро и зло меѓу сите народи, колена и јазици, или дека меѓу сите луѓе ќе биде споменувано и по добро и по зло.

Prophet Moroni buries the sacred records of his people in the Hill Cumorah

Во 421 год. н.е. пророкот Морони ги закопа светите записи за неговиот народ на ридот Куморах. Враќајќи се подоцна како воскреснато суштество, му кажа на Џозеф Смит за древниот запис што ја содржи целоста на Евангелието како што им е пренесено од Спасителот на древните жители на американскиот континент. Тој запис е Книгата на Мормон.

Рече дека постои една зачувана книга, напишана на златни плочи, која зборува за некогашните жители на овој континент и за изворот од каде што потекнуваат тие. Исто така рече дека во книгата е содржана целоста на вечното Евангелие, како што Спасителот им го кажувал на древните жители.

Исто така, рече дека постојат и два камена на сребрени лакови – а тие камења, прицврстени на наградник, го сочинуваат она што е наречено урим и тумим – положени со плочите; а оние што ги поседувале и користеле тие камења биле нарекувани „јасновидци“ во древните или некогашните времиња; и дека Бог ги подготвил за преведување на книгата.

Откако ми ги кажа овие работи, почна да наведува пророштва од Стариот завет. Прво наведе дел од третата глава на Малахија; исто така, ја наведе четвртата или последната глава од истото пророштво, но со мали разлики во однос на начинот на кој е напишана во нашата Библија. Место да го наведе првиот стих како е напишан во нашите книги, тој го наведе вака:

„Зашто, ете, ќе настапи ден што ќе гори како печка; тогаш сите горди и оние што постапуваат нечесно ќе горат како слама, зашто оние што ќе дојдат ќе ги изгорат, вели Господ Саваот; и така нема да остане од нив ни корен ниту гранче.“

И повторно го наведе петтиот стих вака: „Ете, Јас ќе ви го откријам свештенството, од раката на пророкот Илија, пред да настапи големиот и страшен ден Господен.“

Го наведе и следниот стих поинаку: „И тој ќе ги всади во срцата на децата ветувањата дадени на татковците, и срцата на децата ќе се свртат кон татковците нивни. Ако тоа не биде така, целата земја ќе биде наполно уништена кога Тој ќе дојде.“

Освен ова, ја наведе и единаесеттата глава од Исаија велејќи дека таа штотуку треба да се исполни. Ја наведе исто така и третата глава од Дела, дваесет и вториот и дваесет и третиот стих, точно како што стојат во нашиот Нов завет. Рече дека пророкот бил Христос; но сè уште не дошол денот кога „тие што нема да го слушнат Неговиот глас ќе бидат истребени од народот“, но наскоро ќе дојде.

Исто така ја наведе и втората глава од Јоил, од дваесет и осмиот стих до последниот. Рече дека и тоа сè уште не е исполнето, но наскоро ќе биде. А понатаму рече дека незнабошците наскоро ќе влезат. Наведе многу други делови од Писмото и даде многу објаснувања што не можат да се споменат овде.

Потоа ми рече, кога ќе ги добијам плочите за кои ми зборуваше – зашто сè уште не беше дојдено времето кога тие треба да бидат предадени – не треба да му ги покажувам на никого; ниту пак наградниците со уримот и тумимот; туку само на оние за кои ќе ми биде заповедано да им ги покажам; во спротивен случај ќе бидам уништен. Додека тој зборуваше со мене за плочите, во мојата свест се отвори видение така што можев да го видам местото каде што беа положени плочите, и тоа толку јасно и детално што повторно го препознав местото кога го посетив.

По тоа соопштение видов како светлината во собата почна да се собира блиску околу личноста што ми зборуваше и тоа продолжи така сè додека собата не стана повторно темна, освен просторот непосредно околу личноста; одеднаш видов како се отвора премин право нагоре кон небесата и тој се воздигаше сè додека сосема не исчезна, а собата остана каква што беше пред појавувањето на небесната светлина.

Лежев размислувајќи за единствениот настан, восхитувајќи му се на она што ми го кажа тој извонреден гласник; кога сред своите размислувања одеднаш открив дека мојата соба повторно почнува да се осветлува и во еден момент истиот небесен гласник беше повторно крај мојот кревет.

Почна да зборува и повторно ми ги кажа истите работи што ми ги кажа при својата прва посета, без никакви измени; кога го стори тоа, ме извести за големите судови што ќе дојдат на земјата, проследени со големи пустошења од глад, меч и чума; а тие тешки судови ќе дојдат на земјата во оваа генерација. Откако ми ги кажа тие работи, повторно се воздигна како порано.

Во тој момент впечатоците во мојата свест беа толку длабоки што сонот ми избега од очите и лежев вчудовиден од она што го видов и слушнав. Но колкаво беше моето изненадување кога повторно го здогледав истиот гласник крај мојот кревет и го слушнав како пак ми ги повторува истите работи како порано; а додаде и предупредување за мене, велејќи ми дека Сатаната ќе се обиде да ме искушува (поради немаштијата во семејството на татко ми), да ги добијам плочите со намера да се збогатам. Тој ми го забрани тоа, велејќи дека не смеам да имам друга цел за добивање на плочите освен славењето на Бога и не смеам да паднам под влијание на ниеден друг мотив освен оној за градењето на Неговото царство; во спротивен случај нема да можам да ги добијам.

По таа трета посета тој пак се воздигна кон небесата како и порано, а јас пак бев оставен да размислувам за необичноста на она што го искусив; а веднаш откако небесниот гласник се воздигна од мене трет пат, петелот закукурига и видов дека се разденува, па според тоа нашите разговори сигурно ја исполнија целата таа ноќ.

Набргу потоа станав од креветот и, како обично, ја започнав својата неопходна секојдневна работа; но, обидувајќи се да работам како порано, се почувствував толку истоштен што станав сосема немоќен. Татко ми, кој работеше заедно со мене, откри дека нешто не е во ред со мене па ми рече да си одам дома. Тргнав со намера да одам накај куќата; но кога се обидов да поминам преку оградата на нивата каде што бевме, силата сосема ме напушти, паднав беспомошен на земја и извесно време не бев свесен за ништо.

Првото нешто за што се сеќавам е гласот што ми зборуваше повикувајќи ме на име. Погледнав нагоре и го здогледав истиот гласник што стоеше над мојата глава, окружен со светлина како порано. Тогаш повторно ми го кажа сето она што ми го кажа претходната ноќ и ми заповеда да отидам кај татко ми и да му кажам за видението и за заповедите што ги добив.

Се покорив; се вратив кај татко ми на нивата и му раскажав за целиот случај. Тој ми одговори дека тоа е од Бога и ми рече да одам и да сторам како што ми заповеда гласникот. Ја напуштив нивата и отидов до местото каде што гласникот ми рече дека се положени плочите; и поради јасноста на видението што го имав за тоа, го препознав местото истиот миг кога стигнав таму.

Светиот запис

Блиску до селото Манчестер, околија Онтарио, Њујорк, се издигнува рид со прилично голема височина, повисок од сите соседни ридишта. На западната страна на тој рид, недалеку од врвот, под еден прилично голем камен, се наоѓаа плочите, положени во камена кутија. Тој камен беше дебел и заоблен по средината на горната страна, а потенок кон рабовите, така што средниот дел му беше видлив над почвата, но рабовите наоколу беа покриени со земја.

Откако ја отстранив земјата, зедов еден лост што го подметнав под работ на каменот и го подигнав со малку напор. Погледнав внатре и навистина ги здогледав плочите, уримот и тумимот и наградникот, како што кажа гласникот. Кутијата во која лежеа беше направена со сложување на камења поврзани со еден вид цемент. На дното на кутијата лежеа два камена, напреку во однос на кутијата, а над тие камења лежеа плочите и со нив другите работи.

Moroni returns and further instructs the young prophet

Морони се враќаше еднаш годишно во текот на четири години и го упатуваше понатаму младиот пророк. По тие четири години Џозеф ги прими плочите и почна да ја преведува Книгата на Мормон.

Се обидов да ги извадам надвор, но гласникот ми забрани и повторно бев известен дека сè уште не дошло време тие да се извадат на видело, а и нема да дојде додека не поминат четири години од тој миг. Но ми рече дека треба да отидам таму точно по една година и дека тој ќе ме дочека, и така морам да правам постојано сè додека не дојде времето да ги добијам плочите.

Според тоа, како што ми беше наредено, одев таму кон крајот на секоја година и секогаш го наоѓав истиот гласник и од него добивав упатства и известувања при секој наш разговор, во врска со тоа што планира Господ да направи и како и на кој начин ќе биде управувано Неговото царство во подоцнежните денови.

Бидејќи животните услови на татко ми беа мошне скудни, моравме да работиме физички, за надница или поинаку, како што имавме можност. Некогаш бевме дома, некогаш не, а со постојаната работа можевме да си обезбедиме пристоен живот.

Џозеф работеше на голем број работни места и обезбеди пристоен живот за своето семејство. Во 1825 година се вработи во околијата Ченанго, Њујорк. Таму ја сретна Ема Хејл со која се ожени на 18 јануари 1827 година.

Најпосле дојде времето да ги добијам плочите, Уримот и Тумимот и наградникот. На дваесет и втори септември илјада осумстотини дваесет и седмата година, кога отидов како обично кон крајот на секоја година до местото каде што беа положени тие, истиот небесен гласник ми ги предаде со ова задолжение: дека јас треба да бидам одговорен за нив; дека, ако дозволам да ги загубам поради невнимание или поради некој свој пропуст, ќе бидам отфрлен; но ако направам сè што можам за да ги зачувам, сè додека тој, гласникот, не ги повика, тие ќе бидат заштитени.

Наскоро ја открив причината зошто добив толку строги задолженија да ги чувам безбедни и зошто гласникот рече дека ќе ги побара кога ќе го извршам она што го бара од мене. Штом се дозна дека јас ги имам, беа преземени најголеми напори да ми бидат одземени. За таа цел се користеше секоја итрина што можеше да се измисли. Прогонувањето стана поогорчено и пожестоко отколку порано, а толпите луѓе постојано бараа можност да ми ги одземат некако. Но со Божјата мудрост тие останаа безбедни во моите раце додека не го исполнив со нив она што се бараше од мене. Кога, според договорот, гласникот ги побара, му ги предадов и тие се под негова грижа сè до овој ден, втори мај илјада осумстотини триесет и осмата година. …

На петтиот ден на април 1829 година во мојата куќа дојде Оливер Каудери, кого дотогаш никогаш го немав видено. Ми рече дека работи како учител во соседството каде што живееше татко ми, а бидејќи татко ми беше еден од оние што ги праќаа своите деца на училиште, тој живееше извесно време во неговата куќа и додека беше таму, семејството му раскажуваше за околностите под кои ги примив плочите па така дојде кај мене да се распраша за тоа.

Два дена по доаѓањето на господин Каудери (а тоа беше на 7 април) почнав да ја преведувам Книгата на Мормон, а тој почна да го пишува тоа што му го диктирав.

Во април 1829 година Џозеф Смит, заедно со Оливер Каудери како запишувач, почна да ја преведува Книгата на Мормон со дарот и моќта од Бога. Откако Џозеф заврши, други луѓе ја имаа привилегијата да ги видат плочите. Тие сведоци исто така го запишаа своето сведоштво зашто „од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор“ (2 Коринтјаните 13:1).

На западната страна на тој рид, недалеку од врвот, под еден прилично голем камен, се наоѓаа плочите, положени во камена кутија.

Joseph Smith and Oliver Cowdery receive the Aaronic Priesthood by the laying on of hands from John the Baptist

Свештенството е обновено

Ние сè уште работевме на преводот кога следниот месец (мај 1829 година), еден одреден ден отидовме во шумата да се молиме и да побараме од Господа крштавање за ослободување од гревовите, зошто така беше спомнато во преводот на плочите. Додека бевме зафатени така, молејќи се и повикувајќи Го Господа, еден гласник слезе од небесата во облак од светлина и, положувајќи ги своите раце врз нас, нè зареди велејќи:

„Вам, мои придружници, од името на Месија, ви го пренесувам Свештенството на Арон, кое ги држи клучевите за ангелското послужување, и за Евангелието на покајанието, и за крштавањето со потопување за ослободување од гревовите; и тоа никогаш повторно нема да биде одземено од земјата сè додека синовите на Леви повторно не Му принесат на Господа жртва со праведност.“

Тој рече дека Ароновото свештенство нема моќ на ракополагање за дарот на Светиот Дух, но дека тоа ќе ни биде пренесено наскоро; па ни заповеда да одиме и да се крстиме и ни даде упатство дека јас треба да го крстам Оливер Каудери, а потоа тој треба да ме крсти мене.

Како што ни рече, отидовме и се крстивме. Прво јас го крстив него, а потоа тој ме крсти мене – потоа јас ги положив рацете врз неговата глава и го заредив за Ароновото свештенство, а потоа тој ги положи рацете врз мене и ме зареди за истото свештенство – зошто така ни беше заповедано.

Гласникот што нè посети тогаш и ни го пренесе тоа свештенство рече дека неговото име е Јован, истиот оној што е наречен Јован Крстител во Новиот завет, и дека тој дејствува според упатствата на Петар, Јаков и Јован, кои ги имаат клучевите од свештенството на Мелхиседек, и тоа свештенство, рече тој, во вистинското време ќе ни биде пренесено нам, и дека јас треба да бидам наречен прв старешина на Црквата, а тој (Оливер Каудери) втор. Тоа беше на петнаесеттиот ден во мај 1829 година кога ние бевме заредени од рацете на тој гласник и крстени.

Штом излеговме од водата откако бевме крстени, почувствувавме големи и величествени благослови од нашиот небесен Отец. Штом го крстив Оливер Каудери, Светиот Дух се спушти врз него, а тој се исправи и претскажа многу работи што ќе се случат наскоро. И повторно, штом јас бев крстен од него, и јас го добив духот на пророштвото кога, застанувајќи, го претскажав растот на Црквата, како и многу други работи поврзани со Црквата и со оваа генерација човечки синови. Бевме исполнети со Светиот Дух и се радувавме во Богот на нашето спасение.

Книгата на Мормон, првпат печатена во 1830 година, објавена e на над 80 јазици во светот.

Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни е устроена во домот на Питер Вајтмер Постариот, на 6 април 1830 година. Близу 60 луѓе сведочеа дека 6 мажи ги исполниле барањата на Њујорк за основање на ново религиско здружение.

Ова е едноставно, искрено сведоштво на Џозеф Смит, кое ни кажува за некои од настаните што доведоа до обновувањето на Евангелието и до основањето на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни.

За поцелосен приказ на доживувањето на Џозеф Смит, видете ги делата Joseph Smith – History (Џозеф Смит – историја) во Pearl of Great Price (Скапоцениот бисер) или History of the Church (Историја на Црквата), 1:2–79.