Свети Писма
1 Нефи 1


Првата Книга на Нефи

Неговото Владеење и Служба

Извештај од Лехи и неговата жена Сарија, и неговите четворица синови, наречени (почнувајќи од најстариот) Ламан, Лемуил, Сем, и Нефи. Господ го предупредува Лехи да замине од земјата на Ерусалим, бидејќи тој му пророкува на народот во врска со нивното беззаконие и тие настојуваат да го уништат неговиот живот. Тој патува три дена низ дивината со неговото семејство. Нефи ги зема браќата и се враќа во земјата на Ерусалим по записот на Евреите. Извештајот за нивните страдања. Тие ги земаат ќерките на Исмаил за жени. Ги земаат нивните семејства и заминуваат во дивината. Нивните страдања и неволји во дивината. Правецот на нивните патувања. Тие доаѓаат до големите води. Браќата на Нефи се побунуваат против него. Тој ги посрамува, и гради еден брод. Тие го нарекуваат местото Изобилство. Ги преминаа големите води во ветената земја, и така натаму. Ова е според записот на Нефи, односно со други зборови, јас, Нефи, го напишав овој запис.

Глава 1

Нефи го започнува записот на неговиот народ—Лехи гледа во визија столб од оган и чита од една книга на пророштво—Тој Го слави Бог, го претскажува доаѓањето на Месијата, и го пророкува уништувањето на Ерусалим—Тој е прогонуван од Евреите. Околу 600 п.н.е.

1 Јас, Нефи, бидејќи бев роден од добри родители, и затоа бев подучуван по нешто во сето учење од татко ми; и сум видел многу неволји во текот на моите денови, сепак, бев многу благодатен од Господ во сите мои денови, да, имав големо знаење за добрината и мистериите на Бог, затоа правам запис за моите постапки во моите денови.

2 Да, правам запис на јазикот на татко ми, кој се состои од учењето на Евреите и јазикот на Египќаните.

3 И знам дека записот кој го правам е вистинит; и го правам со својата сопствена рака; и го правам според моето знаење.

4 Зашто се случи во почетокот во првата година од владеењето на Седекија, цар на Јуда (татко ми, Лехи, живееше во Ерусалим во сите негови денови); и во таа иста година дојдоа многу пророци, пророкувајќи му на народот дека мора да се покае, или големиот град Ерусалим мора да биде уништен.

5 Затоа се случи мојот татко, Лехи, како што истапи, му се молеше на Господ, да, и тоа со целото негово срце, во името на неговиот народ.

6 И се случи, додека му се молеше на Господ, се појави столб од оган што се задржа врз една карпа пред него; и тој виде и слушна многу; и поради нештата кои ги виде и слушна, тој се тресеше и трепереше премногу.

7 И се случи тој да се врати во неговата сопствена куќа во Ерусалим; и се фрли на неговиот кревет, совладан од Духот и нештата кои беше ги видел.

8 И така совладан од Духот, тој беше одведен во визија, што дури ја виде небесата да се отвори, и помисли дека го виде Бог, седејќи на Неговиот престол, опкружен со безбројни мноштва на ангели во став на пеење и славење на нивниот Бог.

9 И се случи да види Еден кој се симнуваше од среде небото, и виде дека Неговиот сјај беше над тој на сонцето на пладне.

10 А тој исто виде дванаесет други кои го следат Него, а нивната осветленост ја надминуваше таа на ѕвездите во небесниот свод.

11 И слегоа, и тргнаа по лицето на земјата; и првиот дојде, и застана пред татко ми, и му даде една книга и му нареди да чита.

12 И се случи додека читаше, тој беше исполнет со Духот на Господ.

13 И читаше, велејќи: Тешко, тешко на Ерусалим, бидејќи сум ги видел твоите одвратности! Да, и многу нешта татко ми прочита во врска со Ерусалим—дека ќе биде уништен, и неговите жители; многу ќе загинат од мечот, и многу ќе бидат одведени заробени во Вавилон.

14 И се случи кога татко ми беше прочитал и видел многу големи и чудесни нешта, му извикуваше многу нешта на Господ, како: Големи и чудесни се Твоите дела, О Господе Боже Семоќен! Твојот престол е високо во небесата, и Твојата моќ, и добрина, и милост се над сите жители на земјата; и, бидејќи Ти си милостив, Ти нема да дозволиш оние кои доаѓаат при Тебе да загинат!

15 И според овој начин беше говорот на татко ми во славењето на неговиот Бог: бидејќи неговата душа се радуваше, и сето негово срце беше исполнето, поради нештата кои беше ги видел, да, кои Господ беше му ги покажал.

16 И сега, јас, Нефи не правам цел извештај за нештата кои татко ми ги напишал, бидејќи тој напиша многу нешта кои ги виде во визии и во соништа; а тој исто напиша многу нешта кои им ги пророкуваше и зборуваше на неговите деца, за кои нема да направам цел извештај.

17 Но ќе направам извештај за моите постапки во моите денови. Ете, правам едно скратено издание од записот на татко ми, врз плочите кои ги направив со моите сопствени раце; затоа, откако ќе го скратам записот на татко ми ќе направам еден извештај за мојот сопствен живот.

18 Затоа, би сакал да знаете, дека откако Господ беше му покажал толку многу чудесни нешта на татко ми, Лехи, да, во врска со уништувањето на Ерусалим, ете, тој отиде помеѓу народот, и започна да пророкува и да им објавува на нив во врска со нештата кои и беше ги видел и слушнал.

19 И се случи, дека Евреите му се потсмеваа на него заради нештата кои ги сведочеше за нив; бидејќи тој навистина сведочеше за нивната пакост и нивните одвратности; и сведочеше дека нештата кои ги виде и слушна, а исто и нештата кои ги прочита во книгата, јасно прикажуваа за доаѓањето на еден Месија, а исто и за искупувањето на светот.

20 И кога Евреите ги слушнаа овие нешта, му беа лути на него; да, дури како и со пророците од минатото, кои тие ги беа отфрлиле, и каменувале, и убивале; а тие исто го бараа неговиот живот, за да можат да му го одземат. Но, ете, јас, Нефи ќе ви покажам дека нежните милости на Господ се врз сите оние кои ги избрал, заради нивната вера, да ги направи моќни, и тоа до моќта за избавување.