Свети Писма
1 Нефи 2


Глава 2

Лехи го носи неговото семејство во дивината покрај Црвеното Море—Тие го напуштаат нивниот имот—Лехи му принесува жртва на Господ и ги подучува неговите синови да ги одржуваат заповедите—Ламан и Лемуил мрморат против нивниот татко—Нефи е послушен и се моли со вера; Господ му говори, и тој е избран да владее над неговите браќа. Околу 600 п.н.е.

1 Зашто ете, се случи дека Господ му зборуваше на татко ми, да, дури и во еден сон, и му кажа: Благословен си ти, Лехи, поради нештата кои си ги направил; и бидејќи си бил верен, и си му објавил на овој народ за нештата кои Јас ти ги заповедав, ете, тие настојуваат да ти го одземат животот.

2 И се случи дека Господ му заповеда на татко ми, дури и во сон, дека треба да го земе неговото семејство и да замине во дивината.

3 И се случи дека тој беше послушен на словото на Господ, затоа направи како што Господ му заповеда.

4 И се случи, дека тој замина во дивината. И ја напушти неговата куќа, и земјата на неговото наследство, и неговото злато, и неговото сребро, и неговите скапоцени нешта, а не зема ништо со него, освен неговото семејство, и залихи, и шатори, и замина во дивината.

5 И слезе долу по границите близу брегот на Црвеното Море; и патуваше во дивината до границите кои се поблиску до Црвеното Море; и патуваше во дивината со неговото семејство, кое се состоеше од мојата мајка, Сарија, и моите постари браќа, кои беа Ламан, Лемуил, и Сем.

6 И се случи дека откако беше патувал три дена во дивината, го постави неговиот шатор во една долина покрај брегот на една река од вода.

7 И се случи дека изгради олтар од камења, и Му направи принос на Господ, и Му се заблагодари на Господ, нашиот Бог.

8 И се случи дека ја нарече реката Ламан, и таа се влеваше до Црвеното Море; а долината беше во границите близу до нејзиниот слив.

9 И кога татко ми виде дека водите на реката се влеваат во изворот на Црвеното Море, му говореше на Ламан, велејќи: О, да можеш да бидеш како оваа река, постојано течејќи во изворот на сета праведност!

10 А исто и му говореше на Лемуил: О, да можеш да бидеш како оваа долина, цврст и траен и непоколеблив во одржувањето на заповедите на Господ!

11 Сега ова го говореше поради тврдоглавоста на Ламан и Лемуил; зашто, ете, тие мрмореа за многу нешта против татко им, бидејќи тој беше визионерски човек, и беше ги одвел од земјата Ерусалим да ја напуштат земјата на нивното наследство, и нивното злато, и нивното сребро, и нивните скапоцени нешта, да загинат во дивината. И рекоа дека тој беше го направил ова поради будалестите фантазии на неговото срце.

12 И така, Ламан и Лемуил, кои се најстарите, мрмореа против татко им. И мрмореа бидејќи не ги познаваа постапките на тој Бог кој беше ги создал.

13 Ниту веруваа дека Ерусалим, тој голем град, би можел да биде уништен според зборовите на пророците. И беа како Евреите кои беа во Ерусалим, кои настојуваа да му го одземат животот на татко ми.

14 И се случи дека татко ми им говореше на нив во долината Лемуил со моќ, исполнет со Духот, додека нивните тела не се тресеа пред него. И ги збуни, така што не се осмелија да говорат против него; затоа, тие направија како што тој им заповеда.

15 И татко ми престојуваше во шатор.

16 И се случи дека јас, Нефи, бев премногу млад, сепак бев голем во раст, а исто имав големи желби да знам за мистериите на Бог, затоа, довикував кон Господ; и ете, Тој ме посети, и ми го омекна срцето, така што им поверував на сите зборови кои беа изговорени од татко ми; затоа не се побунив против него како моите браќа.

17 И му говорев на Сем, откривајќи му ги нему нештата кои Господ беше ми ги покажал преку Неговиот Свет Дух. И се случи дека поверува во моите зборови.

18 Но, ете, Ламан и Лемуил не сакаа да ги послушаат моите зборови; и заради тоа што бев тажен поради закоравеноста на нивните срца довикував кон Господ за нив.

19 И се случи дека Господ ми говореше, велејќи: Благословен си ти, Нефи, заради твојата вера, бидејќи ме бараше Мене трудољубиво, со понизност на срцето.

20 И доколку ги одржуваш Моите заповеди, ќе напредуваш, и ќе бидеш воден во една земја на ветување; да, и тоа една земја која Јас ја подготвив за тебе; да, земја која е избрана над сите други земји.

21 И доколку твоите браќа се побунат против тебе, ќе бидат отсечени од присуството на Господ.

22 И доколку ги одржуваш Моите заповеди, ќе бидеш владетел и учител над твоите браќа.

23 Зашто, ете, на тој ден кога ќе се побунат против Мене, Јас ќе ги проколнам и тоа со една тешка клетва, и нема да имаат моќ врз твоето потомство освен ако не се побунат против Мене исто така.

24 И ако е така да се побунат против Мене, ќе бидат камшик за твоето потомство, за да ги поттикнат на начините на сеќавање.