Свети Писма
3 Нефи 11


Исус Христос му се покажа Самиот на Нефитскиот народ, додека мноштвото беше собрано во земјата Изобилство, и им служеше; и на овој начин Тој им се покажа Самиот.

Започнува со глава 11.

Глава 11

Отецот сведочи за Неговиот Возљубен Син—Христос се појавува и го прогласува Своето Помирување—Луѓето ги чувствуваат раните на Неговите раце и нозе и ребро—Тие довикуваат Осана—Тој го покажува начинот на крштавање—Кавгаџискиот дух е од ѓаволот—Христовото учење е дека луѓето треба да веруваат и да бидат крстени и да го примат Светиот Дух. Околу 34 н.е.

1 И сега се случи дека имаше големо мноштво собрано, од Нефитскиот народ, околу храмот што беше во земјата Изобилство; и тие се чудеа и се прашуваа едни со други, и си ја покажуваа еден на друг големата и прекрасна промена што се случи.

2 И тие исто така разговараа за овој Исус Христос, за кого беше даден знакот за Неговата смрт.

3 И се случи додека така разговараа едни со други, тие слушнаа глас како да излегува од небесата; и тие гледаа наоколу, зашто не го разбираа гласот што го слушнаа; и тоа не беше груб глас, ниту пак беше бучен глас; но иако беше тивок глас, ги прободе оние што го слушнаа до центарот, така што немаше ни еден дел од нивната става што не се тресеше; да, ги прободе до самата душа, и предизвика да горат нивните срца.

4 И се случи тие повторно да го слушнат гласот, и не го разбраа.

5 И повторно по трет пат го слушнаа гласот, и ги отворија ушите да го слушнат; и нивните погледи беа насочени кон звукот; и тие гледаа на кај небесата, од каде што дошол звукот.

6 И ете, третиот пат тие го разбраа гласот што го слушнаа; и им рече:

7 Ете Го Мојот Возљубен Син, со Кого сум задоволен, во Кого Јас сум го прославил Моето име—Него слушнете Го.

8 И се случи како што разбраа, тие повторно погледнаа нагоре кон небесата; и ете, видоа Човек како слегува од небесата; и Тој беше облечен во бела наметка; и Тој слезе и застана меѓу нив; и очите на целото мноштво беа свртени кон Него, и тие не се осмелуваа да ги отворат устите, ни да зборуваат еден со друг, и не знаеја што значи сето тоа, зашто мислеа дека е ангел што им се појави.

9 И се случи дека Тој ја испружи Неговата рака и им рече на луѓето, велејќи:

10 Ете, Јас сум Исус Христос, за Кого пророците пророкуваа дека ќе дојде на светот.

11 И ете, Јас сум светлината и животот на светот; и Јас се напив од таа горчлива чаша која што Отецот Ми ја даде, и Го прославив Отецот со тоа што ги преземав врз Мене гревовите на светот, во што Јас ја претрпев волјата на Отецот во сите нешта од почетокот.

12 И се случи кога Исус беше ги изговорил овие зборови целото мноштво падна на земјата; бидејќи се сетија на тоа што било пророкувано меѓу нив дека Христос ќе им се покаже Самиот по Неговото воздигнување на небесата.

13 И се случи Господ да им зборува, велејќи:

14 Станете и дојдете кај Мене, за да можете да ги ставите рацете на Моето ребро, и исто да ги почувствувате лузните од колците во Моите раце и во Моите нозе, за да можете да познаете дека Јас сум Бог на Израел, и Бог на целата земја, и сум бил убиен за гревовите на светот.

15 И се случи мноштвото да Му пристапи, и ги ставија нивните раце на Неговото ребро, и ги почувствуваа лузните од колците во Неговите раце и Неговите нозе; и ова го направија, одејќи еден по еден додека не поминаа сите, и навистина видоа со свои очи и почувствуваа со свои раце, и дознаа со сигурност и сведочеа, дека тоа беше Тој, за Кого пророците напишале, дека ќе дојде.

16 И кога сите беа поминале и посведочиле за себе, извикаа во еден глас, велејќи:

17 Осана! Благословено да биде името на Севишниот Бог! И тие паднаа пред нозете на Исус, и Му се поклонија на Него.

18 И се случи Тој да му зборува на Нефи (зашто Нефи беше меѓу мноштвото) и Тој му нареди да пристапи.

19 И Нефи стана и пристапи, и се поклони пред Господ и ги бакна Неговите нозе.

20 И Господ му нареди Него да стане Тој. И Тој стана и стоеше пред Него.

21 И Господ му рече Него: Јас ти давам моќ за да го крштаваш овој народ кога Јас повторно сум воздигнат на небесата.

22 И повторно Господ ги повика другите, и им го рече истото; и Тој им даде моќ да крштаваат. И Тој им рече: На овој начин ќе крштавате; и нема да се расправате меѓу себе.

23 Вистина Јас ви велам, дека тие кои ќе се покајат за своите гревови поради вашите зборови, и кои ќе сакаат да бидат крстени во Мое име, на овој начин ќе ги крштавате—Ете, ќе слезете и застанете во водата, и во Мое име ќе ги крштавате.

24 И сега ете, ова се зборовите што ќе ги изговорите, повикувајќи ги по име, велејќи:

25 Со власта која ми е дадена од Исус Христос, те крштавам во името на Отецот, и на Синот, и на Светиот Дух. Амин.

26 И потоа ќе ги потопите во водата, и ќе излезете повторно од водата.

27 И на овој начин ќе ги крштавате во Мое име; зашто ете, вистина Јас ви велам, дека Отецот, и Синот, и Светиот Дух се едно; и Јас сум во Отецот, и Отецот е во Мене, и Отецот и Јас сме едно.

28 И како што Јас сум ви наредил така ќе крштавате. И нема да има расправии меѓу вас, како што имало до сега; ниту ќе има несогласувања меѓу вас околу точките на Моето учење, како што имало до сега.

29 Зашто вистина, вистина Јас ви велам, Тој што го има духот на препирање не е од Мене, туку е од ѓаволот, кој е татко на препирање, и ги замешува срцата на луѓето да се препираат со гнев еден со друг.

30 Ете, ова не е Мое учење, да се замешуваат срцата на луѓето со гнев, еден против друг; туку ова е Моето учење, дека такви нешта треба да се отфрлат.

31 Ете, вистина, вистина, Јас ви велам, Јас ќе ви го кажам Моето учење.

32 И ова е Моето учење, и ова е учењето кое Отецот Ми го даде; и Јас сведочам за Отецот, и Отецот сведочи за Мене, и Светиот Дух сведочи за Отецот и за Мене; и Јас сведочам дека Отецот им заповеда на сите луѓе, секаде, да се покајат и да веруваат во Мене.

33 И оној кој верува во Мене, и се крсти, истиот ќе биде спасен; и тие се оние кои ќе го наследат царството на Бог.

34 И тие кои не веруваат во Мене, и не се крстат, ќе бидат проколнати.

35 Вистина, вистина, Јас ви велам дека ова е Моето учење, и Јас сведочам за тоа од Отецот; и тие кои веруваат во Мене веруваат исто така и во Отецот; и нив Отецот ќе им сведочи за Мене, зашто Тој ќе ги посети со оган и со Светиот Дух.

36 И така Отецот ќе сведочи за Мене, и Светиот Дух ќе му сведочи Него за Отецот и за Мене; зашто Отецот, и Јас, и Светиот Дух сме едно.

37 И повторно Јас ви велам, мора да се покаете, и да станете како мало дете, и да бидете крстени во Мое име, инаку во никој случај нема да можете да ги примите овие нешта.

38 И повторно Јас ви велам, мора да се покаете, и да бидете крстени во Мое име, и да станете како мало дете, зашто инаку нема да можете да го наследите Божјото царство.

39 Вистина, вистина, Јас ви велам дека ова е Моето учење, и оној кој гради врз ова, гради врз Мојата карпа, и портите на пеколот нема да преовладаат против него.

40 И оној кој ќе прогласи повеќе или помалку од ова, и го прогласи тоа како Мое учење, истиот доаѓа од зло, и не е изграден врз Мојата карпа; туку е изграден врз песочен темел, и портите на пеколот чекаат отворени да ги прифатат таквите кога ќе дојдат поплавите и кога ветровите ќе ги завејат.

41 Затоа, одете кај овој народ, и прогласете ги зборовите кои Јас сум ги рекол, до краиштата на земјата.