Свети Писма
Мосија 18


Глава 18

Алма проповеда тајно—Го истакнува заветот за крштавање и крштава во водите на Мормон—Ја организира Црквата на Христос и одредува свештеници—Тие се поддржуваат едни со други и го поучуваат народот—Алма и неговиот народ бегаат од Царот Ное во дивината. Околу 147–145 п.н.е.

1 И сега, се случи дека Алма, кој беше избегал од слугите на цар Ное, се покаја од неговите гревови и беззаконија, и тргна тајно помеѓу народот, и започна да ги поучува зборовите на Абинади—

2 Да, во врска со тоа што ќе да дојде, и исто така во врска со воскреснувањето на мртвите, и искупувањето на народот, кое ќе биде исполнето преку моќта, и страдањата, и смртта на Христос, и Неговото воскреснување и воздигнување на небесата.

3 А за сите оние кои би го слушале неговото слово тој поучуваше. И ги поучуваше тајно, за да не дознае царот. И многу поверуваа во неговите зборови.

4 И се случи многу кои му веруваа да отидат на место кое се викаше Мормон, добивајќи го името од царот, во границите на земјата која беше преплавена, на времиња или на сезони, од диви ѕверови.

5 Сега, во Мормон постоеше фонтана со свежа вода, и Алма отиде таму, зашто близу водата имаше шума од мали дрвја, каде се криеше преку ден од царските потери.

6 И се случи оние кои му веруваа отидоа таму да ги слушнат неговите зборови.

7 И се случи после многу денови да има собрано добра бројка заедно на местото Мормон, да ги слушнат зборовите на Алма. Да, сите беа собрани заедно кои веруваа на неговиот збор, да го слушнат. И тој ги поучи, и им проповедаше покајание, и откупување, и вера во Господ.

8 И се случи тој да им каже: Гледајте, еве ги водите на Мормон (бидејќи така беа наречени) и сега, штом сакате да дојдете во Божјето стадо, и да бидете наречени Негов народ, и сте спремни да си ги носите товарите еден на друг, за да бидат лесни;

9 Да, и спремни сте да жалите со оние што жалат; да, и да ги утешите оние на кои им треба утеха, и да бидете Божји сведоци цело време и во сите нешта, и во сите места во кои ќе бидете, дури до смрт, за да бидете искупени од Бог, и да бидете вброени со оние од првото воскреснување, за да можете да имате вечен живот—

10 Сега јас ви велам, ако е ова желбата на вашите срца, што имате против да бидете крстени во името на Господ, како сведоштво пред Него дека влеговте во завет со Него, дека ќе му служите Него и ќе ги одржувате Неговите заповеди, за да може тој да го излее Неговиот Дух поизобилно врз вас?

11 И сега кога народот беше ги слушнал овие зборови, плеснаа со рацете во радост, и извикаа: Ова е желбата на нашите срца.

12 И сега се случи Алма да го одведе Хелам, тој како еден од првите, и отиде и застана во водата, и заплака, велејќи: О Господе, излеј го твојот Дух врз твојот слуга, за да ја прави оваа работа со свето срце.

13 И кога беше ги кажал овие зборови, Духот на Господ беше врз него, и тој кажа: Хелам, те крштавам, имајќи власт од Семоќниот Бог, како сведоштво дека си влегол во завет да му служиш Него додека да умреш во смртното тело; и нека Духот на Господ биде излеан врз тебе и Тој нека ти додели вечен живот, преку искупувањето на Христос, кој Тој го подготви од основањето на светот.

14 И откако Алма беше ги рекол овие зборови, и Алма и Хелам беа потопени во водата; и станаа и излегоа од водата радувајќи се, исполнети со Духот.

15 И повторно, Алма зема уште еден, и тргна по втор пат во водата, и го крсти како и првиот, само што повторно не се потопи себеси во водата.

16 И на овој начин го крштеваше секој кој тргна кон местото Мормон; и на број беа околу двесте и четири души; да, и беа крстени во водите на Мормон, и беа исполнети со Божјата благодат.

17 И беа наречени Божјата црква, односно црквата на Христос, од тогаш па натаму. И се случи кој и да беше крстен преку моќта и власта на Бог беше додаден на Неговата црква.

18 И се случи Алма, имајќи власт од Бог, одреди свештеници; и тоа на секои педесет свештеници одреди по еден свештеник да им проповеда, и да ги поучува за нештата кои се однесуваат на Божјето царство.

19 И тој им заповеда дека не треба да поучуваат ништо освен нештата кои тој ги беше поучувал, и кои беа изговорени од устата на светите пророци.

20 Да, дури Тој им заповеда да не проповедаат ништо освен покајание и вера на Господ, кој го беше откупил Неговиот народ.

21 И тој им заповеда да не се препираат едни со други, туку да очекуваат со едното око, имајќи една вера и едно крштавање, имајќи ги нивните срца сплотени во единство и во љубов едни кон други.

22 И така тој им заповеда да проповедаат. И така тие станаа Божји деца.

23 И тој им заповеда да го почитуваат сабатниот ден, и да го одржуваат свет, и исто така секој ден да Му се заблагодаруваат на Господ нивниот Бог.

24 И тој исто така им заповеда дека свештениците кои ги беше одредил треба да работат со сопствените раце за нивна поддршка.

25 И постоеше еден ден во секоја недела кој беше одвоен за да се соберат заедно да го поучуваат народот, и да Му служат на Господ нивниот Бог, и исто така, колку што беше можно да се собираат заедно.

26 А свештениците не смееја да зависат од народот за издржување; туку за нивниот труд требаше да ја примат Божјата благодат, за да се засилат во Духот, имајќи знаење за Бог за да можат да поучуваат со моќ и власт од Бог.

27 И повторно Алма заповеда дека народот од црквата треба да дава од својот имот, секој зависно од тоа што го има; ако има поизобилно треба да дава поизобилно; а од оној кој има само малку, малку треба да се бара; а на оној кој нема, треба да му се даде.

28 И така треба да дадат од сопствениот имот по слободна волја и добри желби кон Бог, и кон оние свештеници на кои им треба, да, и на секоја сиромашна, гола душа.

29 И ова тој им го кажа, бидејќи му беше заповедано од Бог; и тие чекореа исправено пред Бог, давајќи еден на друг и привремено и духовно според нивните потреби и желби.

30 И сега се случи дека сето ова беше сторено во Мормон, да, во шумата која беше близу водите на Мормон; да, местото Мормон, водите на Мормон, шумата на Мормон, колку се убави овие во очите на оние кои таму дојдоа за знаењето на нивниот Искупител; да, и колку се благословени, бидејќи ќе му пеат на Него пофалби засекогаш.

31 А овие нешта беа направени во границите на земјата, за да не дознае царот.

32 Но ете, се случи дека царот, откривајќи движење помеѓу народот, ги испрати неговите слуги да го набљудуваат. Затоа на денот кога се собираа заедно да ги слушнат зборовите на Господ му беа откриени на царот.

33 И сега царот кажа дека Алма го наведуваше народот на бунт против него; затоа ја испрати неговата војска да ги уништи.

34 И се случи дека Алма и народот на Господ беа известени за доаѓањето на војската на царот; затоа ги земаа нивните шатори и нивните семејства и заминаа во дивината.

35 И беа на број околу четиристотини и педесет души.