Свети Писма
Мосија 8


Глава 8

Амон го поучува народот на Лимхи—Тој дознава за дваесет и четирите Јаредитски плочи—Древните записи можат да бидат преведени од јасновидци—Ниту еден дар не е поголем од јасновидството. Околу 121 п.н.е.

1 И се случи откако цар Лимхи беше престанал да му говори на неговиот народ, бидејќи им говореше многу нешта на нив а само неколку од нив запишав во оваа книга, му кажа на својот народ сите нешта во врска со нивните браќа кои беа во земјата Зарахемла.

2 И нареди Амон да застане пред мноштвото, и да им повтори сѐ што им се беше случило на нивните браќа од времето кога Зениф си замина од земјата дури до времето кога тој самиот излезе од земјата.

3 И исто така им ги повтори последните зборови кои цар Венијамин беше ги поучил, и му ги објасни на народот на царот Лимхи, за да можат да ги разберат сите зборови кои ги говореше.

4 И се случи откако беше го сторил сето тоа, дека цар Лимхи го распушти мноштвото, и нареди да се врати секој од нив во својата сопствена куќа.

5 И се случи да нареди плочите кои содржат запис за неговиот народ од времето кога ја напуштија земјата Зарахемла, да бидат донесени пред Амон, за да може да ги прочита.

6 Сега, штом Амон го прочита записот, царот го праша за да знае дали тој може да ги протолкува јазиците, а Амон му кажа дека не може.

7 И царот му кажа: Тажен поради неволјите на мојот народ, наредив четириесет и тројца од мојот народ да патуваат во дивината, за таму да можат ја најдат земјата Зарахемла, за да можеме да им се обратиме на нашите браќа да нѐ ослободат од ропство.

8 И беа изгубени во дивината за период од многу денови, сепак беа трудољубиви, и не ја пронајдоа земјата Зарахемла туку се вратија во оваа земја, патувајќи во земја со многу вода, открија земја која беше покриена со коски од луѓе, и од ѕверови, и исто така беше покриена со урнатини од градби од секаков вид, открија земја која беше населена со народ кои беа бројни колку и мноштвата на Израел.

9 И како сведоштво дека нештата кои беа ги кажале се точни тие донесоа дваесет и четири плочи кои се исполнети со гравури, и се од чисто злато.

10 И ете, исто така, донесоа градни оклопи, кои се големи, и се од месинг и бакар, и се совршено зачувани.

11 И повторно, донесоа мечеви, нивните дршки исчезнале, и нивните сечила беа корозирани со ‘рѓа; и нема никој во земјата кој може да го протолкува јазикот од гравурите кои се на плочите. Затоа ти реков: Можеш ли да преведеш?

12 И повторно ти велам: Дали знаеш некој кој може да ги преведе? Бидејќи јас сакам овие плочи да бидат преведени на нашиот јазик; зашто можеби, ќе ни дадат знаење за остатокот на народот кои биле уништени, од каде што дојдоа овие записи; или, можеби, ќе ни дадат знаење за самиот овој народ кои беа уништени; и сакам да ја знам причината за нивното уништување.

13 Сега Амон му кажа: можам сигурно да ти кажам, О цару, за човек што може да ги преведе записите; бидејќи тој има нешто што може да гледа, и да ги преведе сите записи кои се од древно време; и тоа е Божји дар. И нештата се наречени толкувачи, и ниту еден човек не може да гледа во нив освен ако не му е заповедено, за да не гледа за тоа што не треба, за да не загине. И на оној на кој му е заповедано да гледа во нив, истиот се вика јасновидец.

14 И ете, царот на народот кои се во земјата Зарахемла е човекот на кого му е заповедано да ги прави овие нешта, и кој го има овој голем дар од Бог.

15 И царот кажа дека јасновидецот е поголем од пророк.

16 А Амон кажа дека јасновидецот е откровител и пророк исто така; и човекот не може да има дар кој е поголем, освен ако не ја поседува Божјата моќ, што ниту еден човек не може; сепак човек може да има голема моќ која му е дадена од Бог.

17 Но јасновидецот може да знае за нешта кои се минати, и исто така за нешта кои ќе доаѓаат, и преку нив сите нешта ќе бидат откриени, односно, попрво, тајните нешта ќе бидат прикажани, и скриените нешта ќе се покажат на светло, и нештата кои не се познати ќе станат познати преку нив, и исто така преку нив ќе бидат познати нештата кои во спротивно не би можеле да бидат познати.

18 Така Бог обезбедил начини за човекот, преку вера, да може да изведува моќни чуда; затоа станува голема корист за своите ближни.

19 И сега, кога Амон престана да ги говори овие зборови царот премногу се израдува, и му се заблагодари на Бог, велејќи: Несомнено голема мистерија се содржи во овие плочи, и овие толкувачи несомнено беа подготвени за целта на откривање на сите такви мистерии на човечките деца.

20 О колку зачудувачки се Господовите дела, и колку долго Тој трпи со Неговиот народ; да, и колку слепи и непробојни се разбирањата на човечките деца; бидејќи нема да бараат мудрост, ниту сакаат таа да владее над нив!

21 Да, тие се како диво стадо кое бега од овчарот, и се распрснуваат, и се водени, и се проголтани од ѕверовите од шумата.