Свети Писма
Алма 17


Извештај на синовите на Мосија, кои се одрекоа од своите права на царството за Божјото слово, и отидоа во земјата Нефи да им проповедаат на Ламанитите; нивните страдања и избавување—според записот на Алма.

Ги опфаќа главите од 17 до 27.

Глава 17

Синовите на Мосија го имаат духот на пророштвото и духот на откровението—Тие одат по различни патишта за да им го проповедаат словото на Ламанитите—Амон оди во Исмаиловата земја и станува слуга на Царот Ламони—Амон ги спасува стадата на царот и ги убива неговите непријатели кај водата на Себус. Стихови 1–3, околу 77 п.н.е.; стих 4, околу 91–77 п.н.е.; и стихови 5–39, околу 91 п.н.е.

1 И сега се случи додека Алма патуваше од земјата Гидеон на југ, кон земјата Манти, ете, на негово изненадување, се сретна со синовите на Мосија кои патуваа кон земјата Зарахемла.

2 Сега овие синови на Мосија беа со Алма во времето кога ангелот прв пат му се појави; затоа Алма премногу се израдува кога ги виде своите браќа; и тоа што повеќе придонесе за неговата радост, тие сѐ уште му беа браќа во Господ; да, и тие беа станале цврсти во знаењето на вистината; бидејќи тие беа мажи со длабоко разбирање и тие ги истражуваа светите писма трудољубиво, за да го знаат Божјото слово.

3 Но тоа не е сѐ; тие се посветија себеси на многу молење, и постење; затоа го имаа духот на пророштвото, и духот на откровението, и кога поучуваа, поучуваа со моќ и власт од Бог.

4 А тие го поучуваа Божјото слово во период од четиринаесет години помеѓу Ламанитите, имајќи многу успех во доведување на многумина до знаењето за вистината; да, преку моќта на нивните зборови многу беа доведени пред Божјиот олтар, да го повикаат Неговото име и да ги признаат нивните гревови пред Него.

5 Сега ова се околностите кои ги пратеа на нивните патувања, бидејќи имаа многу неволји; тие многу страдаа, и во телото и во умот, како глад, жед, и замор, и исто многу труд во духот.

6 Сега ова беа нивните патувања: Заминувајќи од нивниот татко, Мосија, во првата година на судиите; одбивајќи го царството кое нивниот татко сакаше да им го додели, и исто тоа беше и волјата на народот;

7 Сепак заминаа од земјата Зарахемла, и ги земаа своите мачеви, и нивните копја, и нивните лакови, и нивните стрели, и нивните прачки; и го направија ова за да обезбедат храна за нив во дивината.

8 И така заминаа во дивината со нивната група која беа ја избрале, да одат кон Нефитската земја, да го проповедаат Божјото слово на Ламанитите.

9 И се случи да патуваат многу денови во дивината, и тие постеа многу и се молеа многу за Господ да им додели дел од Неговиот Дух да оди со нив, и да се придржуваат до нив, за да можат да бидат инструмент во Божјите раце да ги доведат, ако е возможно, нивните браќа, Ламанитите, до знаењето за вистината, до знаењето за подлост на традициите на нивните татковци, кои не беа точни.

10 И се случи Господ да ги посети со Неговиот Дух, и им кажа: Бидете утешени. И тие беа утешени.

11 И Господ исто така им кажа: Одете помеѓу Ламанитите, вашите браќа, и воспоставете го моето слово; сепак ќе бидете трпеливи во макотрпноста и неволјите, за да можете да им покажете добри примери на нив во Мене, и Јас ќе направам инструмент од вас во Моите раце за спасение на многу души.

12 И се случи срцата на синовите на Мосија, и исто така на оние кои беа со нив, се охрабрија да одат кај Ламанитите да им го објават Божјото слово.

13 И се случи кога беа пристигнале на границата на земјата на Ламанитите, тие се разделија и заминаа еден од друг, верувајќи во Господ дека повторно ќе се сретнат на крајот на својата жетва, бидејќи тие претпоставуваа дека е големо делото кое беа го преземале.

14 И навистина беше големо, бидејќи тие беа преземале да го проповедаат Божјото слово на див и закоравен и свиреп народ; народ кој се воодушевуваа во убивањето на Нефитите, и ограбувајќи ги и одземајќи од нив; и нивните срца беа насочени на богатства, односно на злато и сребро, и скапоцени камења; сепак бараа да ги добијат овие нешта убивајќи и одземајќи, за да не работат за нив со своите раце.

15 Така беа многу мрзлив народ, многумина кои обожаваа идоли, и Божјата клетва падна врз нив поради традициите на нивните татковци; без оглед што ветувањата на Господ се протегаа на нив под услови на покајание.

16 Затоа, ова беше причината поради која синовите на Мосија беа го преземале делото, за да можат да ги доведат до покајание; за да можат да ги доведат да знаат за планот за откупување.

17 Затоа се разделија еден од друг, и отидоа помеѓу нив, секој човек сам, според словото и моќта на Бог кои му беа дадени.

18 Сега Амон беше главен помеѓу нив, или подобро кажано тој им служеше, и се раздели од нив, откако ги благослови според нивните различни служби, соопштувајќи им го Божјото слово, односно им послужи пред неговото заминување; и така тие одеа секој по својот пат низ земјата.

19 И Амон отиде во Исмаиловата земја, земјата која е наречена по синовите на Исмаил, кои исто станаа Ламанити.

20 И додека Амон влегуваше во Исмаиловата земја, Ламанитите го одведоа и го врзаа, како што им беше бичајот да ги врзуваат сите Нефити кои им паѓаа во рацете, и да ги одведат пред царот; и така беше препуштено на задоволството на царот да ги погуби, или да ги задржи во заробеништво, или да ги фрли во затвор, или да ги исфрли од неговата земја, според неговата волја и задоволство.

21 И така Амон беше одведен пред царот кој беше над Исмаиловата земја; и неговото име беше Ламони; и тој беше потомок на Исмаил.

22 И царот го праша Амон дали неговата желба е да остане во земјата на Ламанитите, или помеѓу неговиот народ.

23 И Амон му кажа: Да, сакам да живеам помеѓу овој народ одредено време; да, и можеби до денот кога ќе умрам.

24 И се случи царот Ламони да биде многу задоволен со Амон, и нареди да му се пресечат преврските; и тој сакаше Амон да земе една од неговите ќерки за жена.

25 Но Амон му кажа: Не, но ќе бидам твој слуга. Така Амон стана слуга на царот Ламони. И се случи тој меѓу другите слуги да биде поставен да ги внимава стадата на Ламони, според обичајот на Ламанитите.

26 И откако тој беше во служба на царот три дена, додека одеше со Ламанитските слуги напред со нивните стада до местото на водата, кое се викаше водата на Себус, и сите Ламанити ги водеа нивните стада таму, за да можат да се напијат вода—

27 Затоа, додека Амон и царските слуги ги водеа своите стада до местото на водата, ете, одреден број од Ламанитите, кои беа со своите стада да ги напојат, застанаа и ги растурија стадата на Амон и царските слуги, и ги растурија така што избегаа на многу страни.

28 Сега царските слуги започнаа да мрморат, велејќи: Сега царот ќе нѐ убие, како што ги уби нашите браќа бидејќи нивните стада беа растурени од овие луѓе. И започнаа горко да плачат, велејќи: Ете, нашите стада се распрснати веќе.

29 Сега плачеа од стравот да бидат убиени. Сега кога Амон го виде ова неговото срце се прошири од радост; бидејќи, вели тој, ќе им ја покажам мојата моќ на овие другари слуги, односно моќта која е во мене, враќајќи ги стадата кај царот, за да можам да ги освојам срцата на овие другари слуги, за да можам да ги водам да веруваат во моите зборови.

30 И сега, ова беа мислите на Амон, кога ги виде маките на оние кои ги нарече свои браќа.

31 И се случи да им ласка со своите зборови, велејќи: Браќа мои, расположете се и да одиме да ги побараме стадата и ќе ги собереме заедно и ќе ги вратиме до местото на водата; и така ќе ги заштитиме стадата на царот и тој нема да не́ убие.

32 И се случи да отидат да ги бараат стадата, и го следеа Амон, и брзаа со голема леснотија и ги упатија стадата на царот, и ги собраа заедно на местото на водата.

33 И тие луѓе повторно застанаа да ги растурат нивните стада; но Амон им кажа на неговите браќа: Заобиколете ги стадата и тие нема да избегаат; и јас ќе одам и ќе се препирам со овие луѓе кои ги растураат нашите стада.

34 Затоа, тие направија како што им заповеда Амон, и тој истапи напред и застана да се препира со оние кои стоеја покрај водите на Себус; и тие на број не беа малку.

35 Затоа не се исплашија од Амон, бидејќи претпоставуваа дека еден од нивните луѓе може да го убие според нивното задоволство, бидејќи тие не знаеја дека Господ беше му ветил на Мосија дека Тој ќе ги избави неговите синови од нивните раце; ниту пак не знаеја ништо во врска со Господ; затоа се воодушевуваа во уништувањето на нивните браќа; и поради оваа причина тие стоеја да ги растурат царските стада.

36 Но Амон застана напред и започна да им фрла камења со неговата прачка на нив; да, со голема моќ тој фрлаше камења на нив; и така тој уби неколку од нив толку што започнаа да бидат запрепастени од неговата моќ, сепак беа лути поради убивањето на нивните браќа, и беа одлучни тој да падне; затоа, гледајќи дека не можат да го погодат со нивните камења, тие излегоа со палки да го убијат.

37 Но ете, на секој човек што ја крена палката да го удри Амон, тој им ги пресече рацете со неговиот меч; бидејќи ги издржа нивните удари удирајќи ги нивните раце со работ на неговиот меч, толку што започнаа да бидат запрепастени, и започнаа да бегаат пред него; да, и не беа малку на број; и тој направи да бегаат поради силата на неговата рака.

38 Сега шестмина од нив беа паднале од прачката, но тој со својот меч не уби никој од нив освен нивниот водач; и тој исече толку раце колку што беа кренати врз него, а тие не беа малку.

39 И кога беше ги протерал далеку, тој се врати и тие ги напоија стадата и ги вратија на царското пасиште, и потоа отидоа кај царот, носејќи ги рацете кои беа отсечени од Амоновиот меч, од оние кои настојуваа да го убијат; и тие беа однесени кај царот како сведоштво за нештата кои тие беа ги направиле.