Свети Писма
Алма 41


Глава 41

При Воскреснувањето луѓето доаѓаат во состојба на бескрајна среќа или бескрајна мизерија—Пакоста никогаш не беше среќа—Телесните луѓе се без Бог во светот—Секоја личност при Обновувањето повторно ги прима особините и својствата стекнати во смртноста. Околу 74 п.н.е.

1 И сега, синко мој, имам нешто да кажам во врска со обновувањето за кое се зборува; зашто ете, некои ги извртеа светите писма, и застранија поради ова. И согледав дека твојот ум исто така беше загрижен во врска со ова нешто. Но ете, ќе ти го објаснам.

2 Ти кажувам, синко мој, дека планот на обновувањето е потребен со Божјата правда; бидејќи е потребно сите нешта да бидат обновени во нивниот соодветен ред. Ете, потребно е и праведно, во согласност со моќта и воскреснувањето на Христос, дека душата на човекот ќе биде обновена во нејзиното тело, и дека секој дел од телото ќе биде обновен за себе.

3 И потребно е со Божјата правда луѓето да бидат судени според нивните дела; и ако нивните дела беа добри во овој живот, и желбите на нивните срца беа добри, дека и тие исто така, на последниот ден, ќе бидат обновени во тоа што е добро.

4 А ако нивните дела се злобни ќе бидат обновени во нив за зло. Затоа, сите нешта ќе бидат обновени во соодветен ред, сѐ во својата природна рамка—смртноста крената во бесмртност, распадливоста во нераспадливост—крената во бескрајна среќа за да се наследи Божјото царство, или во бескрајна мизерија за да се наследи царството на ѓаволот, еден од една страна, другиот на другата—

5 Едниот кренат во среќа според неговите желби за среќа, или за добро според неговите желби за добро; а другиот во зло според неговите желби за зло; бидејќи како што посакуваше да прави зло цел ден исто така ќе ја добие неговата награда која е зло кога ќе дојде ноќта.

6 И така е и од другата страна. Ако се покаеше од своите гревови, и посакуваше праведност до крајот на неговите денови, исто така ќе биде награден со праведност.

7 Овие се оние кои се искупени од Господ; да, овие се оние кои се извлечени, кои се избавени од таа бескрајна ноќ на темнината; и така стојат или паѓаат; зашто ете, тие се сопствени судии, било да прават добро или зло.

8 Сега, Божјите одредби се непроменливи; затоа, патот е подготвен за било кој што ќе сака да може да оди таму и да биде спасен.

9 И сега ете, синко мој, не ризикувај уште еден прекршок против твојот Бог врз тие точки на учењето, за кои досега си ризикувал да извршиш грев.

10 Не претпоставувај, бидејќи беше кажано во врска со обновувањето, дека ќе бидеш обновен од грев во среќа. Ете, ти кажувам, пакоста никогаш не беше среќа.

11 И сега, синко мој, сите луѓе кои се во природна состојба, односно би рекол, во телесна состојба, се во жолчката на горчината и во оковите на беззаконието; тие се без Бог во светот, и тие тргнаа спротивно од Божјата природа; затоа, тие се во состојба спротивна од природата на среќа.

12 И сега ете, дали значењето на зборот обновување е да земеш нешто во природна состојба и да го ставиш во неприродна состојба, односно да го ставиш во состојба спротивна од неговата природа?

13 О, синко мој, ова не е случајот; туку значењето на зборот обновување е повторно да врати зло за зло, или телесно за телесно, или ѓаволско за ѓаволско—добро за тоа што е добро; праведно за тоа што е праведно; исправно за тоа што е исправно, милостиво за тоа што е милостиво.

14 Затоа, синко мој, гледај да си милостив кон твоите браќа; постапувај исправно, суди праведно, и постојано прави добро; и ако ги правиш сите овие нешта тогаш ќе ја примиш твојата награда; да, повторно ќе ја имаш милоста обновена во тебе; повторно ќе ја имаш правдата обновена во тебе; повторно ќе ја имаш праведната пресуда обновена во тебе; и повторно доброто во тебе ќе се награди.

15 Зашто тоа што го испраќаш, повторно ќе ти се врати, и ќе биде обновено; затоа, зборот обновување поцелосно го осудува грешникот, и воопшто не го оправдува.