Свети Писма
Алма 26


Глава 26

Амон слави во Господ—Верните се зацврстени од Господ и им е дадено знаење—Со верба луѓето можат да доведат илјадници души до покајување—Бог ја има сета моќ и ги разбира сите нешта. Околу 90–77 п.н.е.

1 И сега, ова се зборовите на Амон на неговите побратими, кои велат вака: Браќа мои и побратими, ете ви кажувам, колку голема причина имаме да се радуваме; бидејќи можевме ли да замислиме кога тргнавме од земјата Зарахемла дека Бог ќе ни доделеше толку големи благослови?

2 И сега, прашувам, кои големи благослови Тој ни ги подари? Можете ли да кажете?

3 Ете, одговарам за вас; бидејќи нашите браќа, Ламанитите, беа во темнина, да, дури и во најмрачниот амбис, но ете, колкумина од нив се доведени да ја видат зачудувачката светлина на Бог! И ова е благословот кој ни е подарен, дека сме инструменти во рацете на Бог да го извршиме ова големо дело.

4 Ете, илјадници од нив се радуваат, и беа доведени во Божјото стадо.

5 Ете, нивата беше зрела, и благословени сте вие, бидејќи замавнувавте со српот, и жнеевте со вашата моќ, да, цел ден работевте; и ете го бројот на вашите снопови! И тие ќе бидат собрани во амбарите, да не се потрошат.

6 Да, нема да бидат соборени од бурата во последниот ден; да, ниту пак ќе бидат опустошени од виорите; туку кога ќе дојде бурата ќе бидат собрани заедно на нивното место, за бурата да не може да ги зафати; да, ниту пак ќе бидат разнесени од жестоките ветрови таму каде што непријателот ќе одбере да ги одвее.

7 Но ете, тие се во рацете на Господ на жетвата, и тие се Негови; и Тој ќе ги воздигне на последниот ден.

8 Благословено нека е името на нашиот Бог; да му пееме пофалби на Него, да, да Му се заблагодариме на Неговото свето име, бидејќи Тој секогаш постапува праведно.

9 Зашто ако не бевме излегле од земјата Зарахемла, овие наши драги возљубени браќа, кои толку драго нѐ љубеа, сѐ уште ќе беа изложени на омраза против нас, да, и исто така ќе беа странци на Бог.

10 И се случи кога Амон беше ги кажал овие зборови, неговиот брат Арон го прекори, велејќи: Амон, се плашам дека твојата радост те занесува до фалење.

11 Но Амон му кажа: Не се фалам со сопствената сила, ниту со мојата мудрост; туку ете, мојата радост е полна, да, моето срце е исполнето со радост, и ќе се радувам со мојот Бог.

12 Да, знам дека сум ништо; според мојата сила сум слаб; затоа нема да се фалам себеси, туку ќе го фалам мојот Бог, бидејќи со Неговата сила можам да ги направам сите нешта; да, ете, многу моќни чуда направивме во оваа земја, заради кои ќе го славиме Неговото име засекогаш.

13 Ете, колкумина илјадници од нашите браќа Тој ослободи од болките на пеколот; и тие се доведени да пеат со покајувачка љубов, и тоа е поради моќта на Неговото слово кое е во нас, затоа зарем немаме голема причина да се радуваме?

14 Да, имаме причина да го славиме Него засекогаш, бидејќи Тој е Севишниот Бог, и ги ослободи нашите браќа од оковите на пеколот.

15 Да, тие беа опкружени со вечна светлина и уништување; но ете, Тој ги доведе во Неговата вечна светлина, да, во вечно спасение; и тие се опкружени од неспоредливата награда на Неговата љубов; да, и ние бевме инструменти во Неговите раце за извршување на оваа голема и зачудувачка работа.

16 Затоа, да славиме, да, ќе славиме во Господ; да, ќе се радуваме, бидејќи нашата радост е полна; да, ќе го славиме нашиот Бог засекогаш. Ете, кој може премногу да слави во Господ? Да, кој може да каже толку многу за Неговата голема моќ, и за Неговата милост, и за Неговата макотрпност кон човечките деца? Ете, ви кажувам, не можам да го искажам ни најмалиот дел од тоа што го чувствувам.

17 Кој би можел да претпостави дека нашиот Бог би бил толку милостив за да нѐ оттргне од нашата ужасна, грешна, и загадена состојба?

18 Ете, излеговме дури и во бес, со моќни закани да ја уништиме Неговата црква.

19 О тогаш, зошто Тој не нѐ препушти на ужасно уништување, да, зошто Тој не дозволи мечот на Неговата правда да падне врз нас, и да нѐ проколне на вечен очај?

20 О, мојата душа, речиси како да избега од самата помисла. Ете, Тој не ја практикуваше Неговата правда врз нас, туку во Неговата голема милост нѐ пренесе преку таа вечна бездна на смртта и мизеријата, и тоа за спасување на нашите души.

21 И сега ете, браќа мои, постои ли природен човек што ги знае овие нешта? Ви кажувам, не постои никој што ги знае овие нешта, освен покајникот.

22 Да, тој кој се покајува и практикува вера, и раѓа добри дела, и се моли постојано без престан—на таков му е дадено да ги знае Божјите мистерии; да, на таков ќе му се даде да ги открие нештата кои никогаш не биле откриени; да, и на таков ќе му се дадат илјадници души да ги доведе до покајание, како што на нас ни беше дадено да ги доведеме нашите браќа до покајание.

23 Сега дали се сеќавате, браќа мои, дека им кажавме на нашите браќа во земјата Зарахемла, ќе одиме во земјата Нефи, да им проповедаме на нашите браќа, Ламанитите, а тие ни се потсмеваа со презир?

24 Зашто тие ни кажаа: Дали мислите дека можете да ги доведете Ламанитите до знаењето на вистината? Дали мислите дека можете да ги убедите Ламанитите за неточноста на традициите на нивните татковци, вкочанет народ како што се тие; чии срца се воодушевуваат во крвопролевање; чии денови биле поминати во најгрозното беззаконие; чии патеки од почетокот се патеки на престапникот? Сега мои браќа, се сеќавате дека ова беше нивниот јазик.

25 И згора на тоа тие рекоа: Да земеме оружја против нив, за да ги уништиме нив и нивното беззаконие од земјата, за да не нѐ прегазат и да нѐ уништат.

26 Но ете, мои љубени браќа, не дојдовме во дивината со намера да ги уништиме нашите браќа, туку со намера дека можеби би можеле да спасиме неколку од нивните души.

27 Сега кога нашите срца беа потиштени, и за малку ќе се вратевме, ете, Господ нѐ утеши, и кажа: Одете помеѓу браќата, Ламанитите, и поднесете ги со трпение вашите неволји, и Јас ќе ви дадам успех.

28 И сега ете, дојдовме, и бевме излезени помеѓу нив; и бевме трпеливи во нашите страдања, и го претрпевме секој недостаток; да, патувавме од куќа до куќа, потпирајќи се на милостите на светот—не само врз милостите на светот туку врз милостите на Бог.

29 И влеговме во нивните куќи и ги поучивме, и ги поучивме на нивните улици; да, и ги поучивме на нивните ридови; и исто така влеговме во нивните храмови и синагоги и ги поучивме; и бевме отфрлени, и исмејувани, и плукани, и удирани по образите; и бевме каменувани, и одведени и врзани со цврсти конопи, и фрлени во затвор; и преку моќта и мудроста на Бог повторно бевме избавени.

30 И претрпевме секаков вид на неволји, и сето ова, за можеби да бидеме средства за спасување на нечија душа; и мислевме дека нашата радост ќе биде полна ако можеби би можеле да бидеме средства за спасување на некои.

31 Сега ете, можеме да погледнеме напред и да ги видиме плодовите на нашите дела; и дали се малку? Ви кажувам, Не, тие се многу; да, и можеме да посведочиме за нивната искреност, поради нивната љубов кон нивните браќа и исто така кон нас.

32 Зашто ете, тие попрво би ги жртвувале нивните животи отколку да ги одземат животите на нивните непријатели; и ги закопаа нивните воени оружја длабоко во земјата, поради нивната љубов кон нивните браќа.

33 И сега ете, ви кажувам, дали постоела толку голема љубов во целата земја? Ете, ви кажувам, Не, не постоела, дури и помеѓу Нефитите.

34 Зашто ете, тие ќе ги земат оружјата против нивните браќа; тие нема да си дозволат себеси да бидат убиени. Но ете колку од нив ги положија нивните животи; и знаеме дека заминаа кај нивниот Бог, поради нивната љубов и нивната омраза да грешат.

35 Сега зарем немаме причина да се радуваме? Да, ви кажувам, никогаш немало луѓе кои имале толку голема причина да се радуваат како нас, откако започна светот; да, и мојата радост е занесена, дури и до фалење на мојот Бог; бидејќи Тој ја има сета моќ, сета мудрост, и сето разбирање; Тој ги сфаќа сите нешта, и Тој е милостиво Битие, дури и за спасение, на оние кои ќе се покајат и ќе веруваат во Неговото име.

36 Сега ако ова е фалење, така и јас ќе се фалам; бидејќи ова е мојот живот и мојата светлина, мојата радост и моето спасение, и моето искупување од вечна горчина. Да, нека е благословено името на мојот Бог, кој е совесен за Неговиот народ, кој е гранка од дрвото на Израел, и беше изгубена од нејзиното стебло во странска земја; да, велам, нека е благословено името на мојот Бог, кој беше совесен за нас, скитниците во странска земја.

37 Сега браќа мои, гледаме дека Бог е совесен за сите луѓе, во која земја и да се наоѓаат; да, Тој го брои Неговиот народ, и Неговите утроби на милоста се низ целата земја. Сега ова е мојата радост, и мојата голема благодарност; да, и ќе му се заблагодарувам на мојот Бог засекогаш. Амин.